Јавна општинска установа за деца-детска градинка Бамби
ЈОУДДГ „Бамби” е основана на 29.12.2020 година со Одлука на Советот на Општина Чашка. Како нова градинка исправени сме пред предизвикот да овозможиме квалитетна воспитно – згрижувачка и јавна дејност ставајќи ги на располагање сите ресурси, и материјални и човечки, следејќи ги современите светски трендови од оваа област, секојдневно надградувајќи се во истото. Дејноста се врши во една организациона, компактна и функционална единица која ги исполнува стандардите и нормативите за вршење на дејноста на установите за деца. Објектот на ЈОУДДГ „Бамби” е во сопственост на Општина Чашка. Организацијата и содржината на дејност во детската градинка се остварува преку програми за нега, згрижување, воспитување, образување и исхрана на децата. Воспитно-образованата работа во установата се изведува врз основа на Програмата за рано учење и развој и Стандардите за рано учење и развој.
Следејќи ги современите светски трендови во преучилишното воспитание и образование, во нашата Установа се реализира програма за раст, развој и рано учење која опфаќа разни форми на поддршка за промовирање на здрав детски развој во сите развојни домени.
Детската градинка го унапредува раниот детски развој, ги поттикнува вештините за критичко и креативно мислење кај децата. Децата кои посетуваат градинка стануваат свесни за постоење на различности, причинско последични услови со што го зајакнуваат севкупниот процес на нивното рано учење. Децата најдобро учат кога активностите потекнуваат од нивното сопствено искуство и стекнуваат нови знаења и вештини кога ја истражуваат околината.
Градинката е место каде децата имаат можност за воспитно- образовни, спортско-рекреативни, културно-забавни активности, мерки и активности за подобрување и зачувување на здравјето и за поттикнување на когнитивниот, социоемоционалниот, физичкиот и моторниот развој, како и развој на јазикот, комуникацијата и описменување и пристап кон учење.
Во септември е планирано да се почне со подготовките за проширување на капацитетот на градинката со уште една хетерогена или комбинирана група која според условите може да опфати уште 16 деца. Со тоа би се задоволила потребата на родителите за згрижување на своите деца, кои моментално се на листа на чекање, а чија бројка изнесува 12 деца.